ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА На 10 јуни се гласа новата Влада? ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ подготвени...

На 10 јуни се гласа новата Влада? ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ подготвени за новата Влада

212

Неофицијално на 10 јуни треба да биде закажана седница на која ќе се гласа новиот владин состав предводен од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата ВРЕДИ и Движењето ЗНАМ, дознава Телевизија 21. Доколку нема промена на бројот на мандатите новото мнозинство ќе брои 78 пратеници. Претходно, како што најавија од претседателството, претседателката Силјановска-Давкова следната недела треба да го предаде мандатот за формирање на новата Влада.

Договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВРЕДИ е веќе постигнат, се очекува да се разговара само за третиот ешалон. Договорот меѓу двете партии веќе почна да се спроведува со изгласувањето на Африм Гаши за претседател на Собранието.

-Има договор, договорот почна да се спроведува и за среќа почна да се спроведува со главниот став што го зазеде ВРЕДИ, за претседател на Собранието. Првиот ешалон е завршен, деновиве групите интензивно работат на операционализирање на договорот. Имаме претседател на парламентот, шест министри, седум заменици министри и пет државни секретари, а знаеме кои ќе бидат конкретно и еден прв вицепремиер.
Дел од владиниот состав ќе биде и Движењето ЗНАМ. Максим Димитриевски во интервју за Канал 5 вели дека очекуваат Мицкоски да го добие мандатот и да ги официјализира преговорите. Најверојатно ќе имаат две министерства, министерство за одбрана и министерство за администрација, вели Изет Меџити од ВРЕДИ.

По стапувањето на функцијата Мицкоски, има рок од 20 дена за формирање на Владата. Бидејќи договорот за заедничко владеење е блиску до финализирање, не се очекуваат одложувања.

Од друга страна, од Европскиот фронт и натаму велат дека легитимитетот за владино претставување на Албанците им припаѓа ним бидејќи сметаат дека победиле на изборите. Без да прецизираат какви чекори ќе преземат, од Европскиот фронт најавија мерки за заштита на легитимитетот. За во недела е закажана средба меѓу лидерите на Европскиот фронт, на која, како што дознава ТВ21, ќе биде потпишан нон-пејперот. Истиот ќе содржи поплаки до меѓународниот фактор за, како што велат, заштита на легитимитетот и волјата на гласачите. Велат дека победникот на изборите во македонскиот табор не може да одлучува кој ќе ги претставува Албанците на власт, бидејќи за тоа одлучуваат граѓаните на избори.