ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Поднесено обвинение за случаите на киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања

Поднесено обвинение за случаите на киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања

38

Поднесено обвинение за случаите на киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања

Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против четворицата киднапери и помагачи за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, за по две тешки кривични дела, грабнување и свирепо убиство. Во меѓувреме, истражната постапка продолжува против првообвинетиот екстрадиран од Турција, Лупчо Палевски Палчо и возачот Стефан Димовски, кој наводно му помогнал при бегството.

За кривичните дела свирепо убиство и киднапирање се товарат тројцата обвинети Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, а за киднапирање таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Според Обвинителството, обвинетите првично го планирале киднапирањето на Вања, за да ја принудат нејзината мајка да им даде пари. За ова, според Обвинителството, на 22 ноември отишле во куќата на Жежовски, физички го нападнале, го киднапирале, а потоа го убиле со пиштол, за да му го одземат автомобилот „Цитроен“, кој потоа ќе го искористат за киднапирањето на Вања.

Откако го зеле автомобилот, на 27 ноември ја киднапирале Вања во Скопје, пред влезот во станот.
Од обвинителството информираат дека киднапирањето се случило откако таткото на Вања им го кажал времето кога Вања ќе излезе за на училиште.

„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика, затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано Дупки, во атарот на селото Бразда“, велат од Основно јавно обвинителство Скопје.

После тоа, според Обвинителството, пријавените го запалиле автомобилот „Цитроен“, за кој користеле бензин, кој претходно еден од обвинетите го набавил.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.