ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Идната недела Сиљановска-Давкова ќе го додели мандатот за новата влада

Идната недела Сиљановска-Давкова ќе го додели мандатот за новата влада

95

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната влада, како и нејзината програма.

Идната недела претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе го додели мандатот за состав на новата влада, информираа денеска од нејзиниот кабинет.

Оттаму соопштија дека согласно Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата, на партијата, односно на партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Инаку, рокот за доделување на мандатот за состав на идната Влада истекува на 7 јуни годинава.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната Влада, како и нејзината програма.

Собранието, пак ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Собранието пред два дена на седницата го конституираше новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај. Истиот ден за претседател на Собранието е избран Африм Гаши,

За функцијата спикер на законодавниот дом Гаши беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.

Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.