ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Немаше средба Силјановска-Радев во Ватикан

Немаше средба Силјановска-Радев во Ватикан

179

Иако изјави дека нејзина желба како претседателка најпрво да ги посети земјите од регионот, одбележувањето на Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, Гордана Силјановска Давкова ја одведе во Ватикан.

И тука имаше можност за средба со соседите. Бугарите, исто како и Македонците го одбележуваат денот на светите браќа Кирил и Методиј, затоа тука престојува и бугарскиот претседател Румен Радев, но средба не се случи.

-Мојата порака до претседателката на Северна Македонија е дека Бугарија чека час поскоро промена во реториката и конечно да престане говорот на омраза. Посветеноста на претседателката на РСМ за дијалог ја гледам како позитивен знак. Одамна реков дека само преку дијалог ќе ја зајакнеме довербата меѓу нас, ќе ги решиме сите спорови и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. На ред е претседателката на РСМ да дојде во Бугарија, рече Румен Радев, претседател на Република Бугарија.

Неофицијално од Претседателството на РСМ ни рекоа дека бугарската страна побарала средбата да се одржи во амбасадата на Република Бугарија, но тоа не било прифатено од кабинетот на претседателката Силјановска-Давкова. Средба меѓу Силјановска и Радев побудува интерес поради острите ставови на новата претседателка и партијата што ја кандидираше, ВМРО-ДПМНЕ во однос на барањето за уставни измени преку кои Бугарите би биле внесени во Уставот.

Инаку, Силјановска-Давкова во Апостолската палата, беше примена од поглаварот на Католичката црква папата Франциско и државниот секретар на Светата столица, монсињор Пјетро Паролин, каде што разменија и подароци.

Покрај Кабинетот на Претседателството, во аудиенција кај Папата беа и делегации од Владата, од Амбасадата на Северна Македонија во Рим и од Светата Столица, како и претставници од Православната и Католичката црква во Македонија. Според агендата, утре Претседателството ќе учествува во молитвите во чест на Свети Кирил и ќе положи цвеќе на плочата на македонски јазик во базиликата Санта Марија Маџоре. Потоа се очекува таа да има средба во четири очи со претседателот на Италија Серџо Матарела, по што ќе следи средба на двете делегации.