ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицотакис вели дека ќе има проблеми доколку новата власт во земјава не...

Мицотакис вели дека ќе има проблеми доколку новата власт во земјава не го почитува Преспанскиот договор

98

Во интервју за грчката телевизија „Алфа“, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис кажа дека изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои победија на изборите во земјава се следат со загриженост и затоа со голем интерес го чека официјалниот став на новата власт за тоа како ќе се нарекува земјата во официјалните изјави
Мицотакис во интервјуто рече дека иако тој лично претходно не се согласувал со Преспанскиот договор, особено во деловите „македонска нација“ и „македонски јазик“, сепак го прифатил во рамки на континуитетот на државата и рече дека и покрај тоа што тој не се согласува со него, одбрал да го почитува па затоа се надева дека и новото раководство на нашата земја ќе се држи до одредбите на овој меѓународен договор.

„Да бидеме трпеливи. Сакам да се надевам дека оние работи што се слушнаа предизборно, нема да бидат официјална позиција на новата Влада постизборно, бидејќи ако се случи ова ќе имаме проблеми, рече Мицотакис.

Тој кажа и дека изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ги следел со загриженост, но и дека „со голем интерес“ го чека официјалниот став на новиот премиер за да види на кој начин ќе се осврне на името на неговата земја.

Вчера, во изјава за „Телевизија 24“, професорот Јоанис Армаколас кој е експерт за меѓународна политика порача дека според него очекувањата се дека доколку Скопје не го почитува Преспанскиот договор, ќе следи жесток одговор од Атина.

„Кога станува збор за инаугурацијата за новиот претседател во недела, сметам дека Грција ќе следи да види, дали за време на протоколот на церемонијата, ќе се користи уставното име на земјата, или новиот претседател ќе го користи старото име на земјата. Тоа ќе биде нешто што грчката влада ќе го следи и сигурен сум дека ќе има реакции“, рече Армаколас за Телевизија 24.