ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Одобрена екстрaдицијата на Љупчо Палевски – Палчо

Одобрена екстрaдицијата на Љупчо Палевски – Палчо

227

Турција дозволи екстрадиција на осомничениот убиец Љупчо Палевски од Скопје, кој со пиштол во ноември 2023 ги уби 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, соопшти Министерството за правда. Сè уште нема датум за испорачувањето на Палевски од Турција.

„Постапката за екстрадиција ќе биде спроведена преку МВР“, соопшто Јавното обвинителство на Скопје.

Палевски доби мерка притвор од 30 дена која ќе се спроведе веднаш по неговата екстрадиција од Турција во Македонија, а а осомничен е за две кривични дела грабнување, како и за две убиства на свиреп начин.

Палевски на 5 декември беше уапсен во Турција за убиството на Вања Ѓорчевска, и се наоѓа во екстрадиционен притвор во Беликесир.

Љупчо Палевски со прекар Палчо, е првоосомничен во групата дека ги организирал грабнувањата и дека лично со пиштол ги убил Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември и Панче Жежовски од Велес на 22 ноември. Ѓорчевска е убиена па закопана близу Скопје, а Жежовски близу Велес.

Тоа утро, Ѓорчевска била грабната на излегување од дома, во влезот на зградата, ѝ биле врзани рацете и нозете, била ставена во вреќа за спиење и ставена во гепек. Киднаперите претходно вечерта од таткото биле информирани дека Ѓорчевска ќе оди на училиште сама и кога ќе излезе. Девојчето било киднапирано со цел да се изнудат пари од нејзината мајка, а набрзо потоа била убиена со пиштол.

За Палевски е побарана екстрадиција за истрага за кривични дела Грабнување и Убиство, која ја води Скопското обвинителство.

За двата свирепи случаја се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив (В. М., В. К. и Б. В.) се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Љупчо Палевски. Тројца од нив се во притвор.

На 25 април, Врховниот суд му ја преиначи мерката притвор во куќен притвор на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.

Палевски има низа кривични пријави во периодот од 2000 до 2020 година. Меѓу другите пријави, против Палевски во 2019 е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а исто така има и кривични пројави за нелеално носење оружје, даночно затајување, лажно пријавување кривично дело и други.

Во 2017 година беше уапсен поради сомнеж дека објавува нелегални прислушувани разговори, откако во 2016 на јутјуб-каналот „Никола Тесла“ почнаа да протекуваат прислушувани, главно приватни, разговори на високопрофилни лица. СЈО отвори предистражна постапка, но таа никогаш не беше завршена.

Палевски во 1990-тите години со својата градежна фирма УПА Ентерпрајс ги изгради првите висококатници во скопско Дебар Маало, со што всушност почна напливот на дивоградбите во центарот, а најпозната е зградата Тифани во строгиот центар на градот. Пред повеќе од две децении беше претседател на градската организација на СДСМ, како и сопственик на неделникот „Старт“ и на телевизијата ТВ Скопје. Имаше и политичко движење Трета кое пред неколку години се спои со партијата Глас за Македонија на Солза Грчева откако таа го напушти СДСМ.