ПОЧЕТНА СВЕТ Хрватска влегува во период на политичка нестабилност

Хрватска влегува во период на политичка нестабилност

90

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои најмногу гласови на парламентарните избори, но, според излезните анкети, ќе има помалку пратенички места отколку во досегашниот состав на парламентот поради што ќе биде приморана на напорни коалициски преговори.

Листата на ХДЗ ќе има 59 мандати во Саборот, помалку отколку на минатите избори кога освои 66, а коалицијата на левиот центар „Реки на правдата“ обединета околу опозициската Социјалдемократска партија (СДП) на Хрватска 43 мандати, два повеќе отколку во 2020 година, според излезните анкети на агенцијата Ипсос.

Трета е листата на десничарското Татковинско движење (ДП) и неговите партнери која освои 13 мандати, десниот Мост има 11, а зелено-левата партија Можеме со партнерите десет.

За формирање на владата е потребна поддршка од најмалку 76 од 151 пратеник на Саборот.

Доколку овој резултат на изборите биде потврден тоа ќе значи период на политичка нестабилност во членката на Европската Унија додека главните партии се обидуваат да склучат сојузи со другите фракции со различни политички ставови, оценува Ројтерс.

Татковинското движење, партијата Можеме и Мост најавија пред изборите дека нема да коалицираат со ХДЗ. Партијата Можеме пред изборите соопшти дека е спремна да подржи малцинска влада на чело со СДП, во која не би учествувале.

ХДЗ соопшти дека веруваат дека бројот на нивни мандати ќе расте со пристигнувањето на резултатите на преброените ливчиња, но истакнаа дека се свесни дека им се потребни „нови партнери за формирање влада“. На прашањето на новинарите дали тоа ќе биде Татковинското движење, пратеникот на ХДЗ Иван Анушиќ кажа дека „природно се наметнува дека тоа би требало да биде Татковинското движење“.

Политикологот Тихомир Ципек кажа за Индекс дека претстои напорен политички процес. „Еден мандат може да биде пресуден, тоа ќе биде многу тежок процес на преговарање, многу тешко ќе се најде заеднички јазик“, кажа тој.

Аналитичарите и пред изборите предвидуваа пад на поддршката на ХДЗ, која доминира со политичката сцена од 1991, поради високата инфлација и корупциските скандали, вклучувајќи ја и одлуката на премиерот и претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ да именува државен обвинител познат по врските со луѓе вмешани во корупција.

„Би сакале да видиме политичари кои работат во интерес на народот, поради тоа ги бираме. За разлика од минатите 30 години“, кажа за Ројтерс пензионерката Бисерка Колариќ, која гласала во Загреб.

Државната изборна комисија соопшти дека одзивот до четири и пол часот бил 50,6 отсто, што е значително повеќе во однос на 34,4 во исто време на минатите парламентарни избори во 2020.

Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски кажа дека големата излезност на гласачите „ги зајакнала помалите партии во однос на ХДЗ и СДП“. „Незадоволството успеа да ги мобилизира гласачите повеќе од опозицијата. Мобилизацијата е антихадезеовска, но во овој момент не изгледа доволно голема за да го порази ХДЗ. Сепак, менува некои проценти кои ги имавме до пред неколку дена“, кажа Пуховски.

Тој, како што пренесува Индекс, истакна дека „СДП според излезните анкети има онолку колку што се очекуваше, а ХДЗ нешто малку помалку“, но додаде дека на ХДЗ треба да му се „додадат барем два, а можеби и сите три мандати од дијаспората“.

Дијаспората во 11-та изборна единица бира три пратеници и важи за упориште на ХДЗ, имајќи предвид дека се тоа главно гласачи од Босна и Херцеговина.

Во 12-тата изборна единица се бираат осум пратеници на националните малцинства. Малцинските пратеници се главно со власта, па така до сега беа дел од владејачката коалиција предводена од ХДЗ.