ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски засега не планира ТВ дуел со Пендаровски: „Кога ќе изгубиш на...

Мицкоски засега не планира ТВ дуел со Пендаровски: „Кога ќе изгубиш на изборите, стани претседател на СДСМ па ќе дебатираме“

121

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски засега не планира да учествува на тв дуел со претседателот на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски. Му порача на Пендаровски „откако ќе ги изгуби изборите ќе треба да ја добие довербата на делегатите на СДСМ за претседател на партијата, па после да бара дуел“.

-Јас немам проблем од дуели и дебати, но за да Стево ја добие таа чест да имаме дуел и дебата, најпрвин треба откако ќе ги изгуби изборите на 8 мај, да ја добие довербата на делегатите од СДСМ и да стане претседател на СДСМ, а СДСМ најголема опозициска партија, што се сомневам дека ќе биде после овие избори на 8 мај и тука повторно да излаже, потенцираше Мицкоски од Струмица и додаде дека пред да дојде до таа точка Пендаровски треба да и се извини и на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова за навредите што ги упати кон неа, „но и да престане да биде измеќар на Али Ахмети и Артан Груби“.

Додаде дека ако не излаже повторно кога Пендаровски рекол ако не е повеќе претседател дека и тој ќе се исели од Македонија.

– Сега и тоа ќе го излаже. Но, ќе му простиме, бидејќи е претседател во најава за претседател во СДСМ и тогаш можеме да седнеме и да дебатира со идниот премиер на Македонија и да зборува каква е состојбата во Македонија, посочи Мицкоски.

Ваквиот став следува откако шефот на државата предложи да има вистински и реален дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Пендаровски предлогот го даде на неговиот предизборен митинг во Делчево, одговарајќи на прашање од граѓанин дали ќе има предизборен дуел. Тој рече дека го предлага тоа бидејќи „Христијан Мицкоски, очигледно, тој е кандидат за претседател, Силјановска не ја гледаме каде е“.

Осми ден од изборната кампања. Под слоганот „Македонија повторно горда“ кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, ќе ја претстави изборната програма пред жителите на Долнени, Македонски Брод и на Кичево. Кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, денеска на средба со граѓаните на Дојран, Богданци, Валандово и на Гевгелија.