ПОЧЕТНА СВЕТ Сепак успеа: Папата Франциск во количка пристигна на Велигденското бдение

Сепак успеа: Папата Франциск во количка пристигна на Велигденското бдение

90

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, вечерва пристигна во базиликата Свети Петар во Рим за да претседава со Велигденското бдение, еден ден откако го откажа учеството во поворката на Велики петок, што предизвика нови шпекулации за неговото здравје.

Аргентинскиот језуит, 87-годишниот папа вечерва пристигна облечен во бело во инвалидска количка за да ја води прославата која трае најмалку два часа, поради што синоќа отсуствуваше за да си го „зачува“ здравјето за вечерва, објави Ватикан.

Присутни беа илјадници аџии од целиот свет. Папата утре треба да ја прослави неделната миса и да пренесе порака која ќе се емитува на телевизија.

Ватикан денеска среде бел ден потврди дека Папата вечерва ќе присуствува на бдеењето, додека синоќа во последен момент го откажа учеството на мисата на Велики петок и поворката на Крстот до Римскиот Колосеум.

Папата и минатата година не учествуваше на поворката „Патот на крстот“, но тоа беше однапред објавено бидејќи само три дена претходно беше пуштен од болницата, каде што лежеше поради бронхитис.

Светата недела, која вклучува бројни церемонии кои кулминираат со Велигден, може да изгледа како маратон за 80-годишник кој две години е во инвалидска количка.

Во последните денови папата сè уште ги извршуваше своите должности. Но, тој изгледаше уморно во последно време и постојано мораше да го делегира читањето на говорите наведувајќи дека има бронхитис, поради што беше задржан во болница во Рим на крајот на февруари.

Вчерашното откажување повторно ги разгоре прашањата за неговата способност да продолжи да владее со Католичката црква и нејзините 1,3 милијарди верници.

И покрај тешката абдоминална операција во 2023 година, папата сè уште одржува жесток ритам во Ватикан, каде што може да прими десетина соговорници во едно претпладне. Се чини дека годините и лошото здравје го достигнуваат, тој не отпатува никаде од неговата посета на Марсеј во септември, а мораше да го откаже патувањето во Дубаи за климатската конференција во декември, поради бронхитисот.

Папата треба да ја посети Венеција на 28 април, но неговото најавено патување во Азија и Океанија ова лето, кое Ватикан сѐ уште официјално го нема потврдено, изгледа се понеизвесно.