Екипата на Челзи ја продолжи серијата без пораз во домашниот шампионат, но сепак, ги разочара своите фанови, затоа што и со играч повеќе не успеа да го совлада еден од најслабите тимови во лигата, Барнли (2-2).
Дуелот на „Стемфорд Бриџ“ започна со големо возбудување пред гостинскиот гол, откако Дисаси стрелаше за 1-0, но погодокот беше поништен поради игра со рака. Дваесет минути подоцна Асињон заработи втор жолт картон и предвреме го заврши натпреварот, а веќе во следниот напад Челзи доби најстрога казна, а поради приговор патот кон трибините му беше покажан на гостинскиот менаџер Винсент Компани. Палмер беше сигурен реализатор на ударот од 11 метри и „сините“ на полувреме замина со предност од 1-0.
Но, само што започна вториот дел Барнли успеа да се врати во игра и Кулен израмни на 1-1. Челзи долго време притискаше и ја плетеше мрежата од гостинскиот гол, а Палмер уште една покажа дека игра во врвна форма оваа сезона и со прекрасен погодок донесе 2-1 за својот тим. Но, ниту тоа не беше доволно за три бода на фаворитот од Лондон, затоа што во 81. минута српскиот голман Петровиќ направи огромна грешка и Ошеј ги постави конечните 2-2.
За разлика од Челзи, вториот лондонски гигант кој попладнево водеше битка за бодови, Тотенхем, по пресврт успеа да ја оствари зацртаната цел и со минимални 2-1 го совлада составот на Лутон. Поранешниот талент на Манчестер Јунајтед, Тахид Чонг уште во третата минута го шокира домаќинот, но на стартот од вториот дел Каборе со автогол израмни на 1-1. Големата победа на „петлите“ ја донесе првата ѕвезда на тимот Сонг со погодок по фантастичен контра напад во 86. минута.
Возбудливо беше и во Шефилд, каде домашниот тим на Јунајтед прокоцка водство од 3-1 и ремизираше против Фулам (3-3). Моментот на натпреварот се случи во самиот финиш, кога гостинскиот напаѓач Родриго Муњиз со спектакуларни „ножички“ погоди за бод за Фулам.
Капитенот Шејрус Колман е трагичарот на Евертон, откако искусниот бек во 91. минута си постигна автогол за пораз на „карамелите“ од Борнмут од 2-1.
На „Сити Граунд“ пак екипите на Нотингем Форест и Кристал Палас одиграа без победник, со по еден постигнат гол во двете мрежи.