Покрај на Османи, Меџити кажа дека и на други функционери на ДУИ, меѓу кои и на вицепремиерот за политички систем Артан Груби, им овозможил легализација на своите објекти кои имале статус на дивоградби.
Поранешниот висок функционер од ДУИ, кој своевремено беше долгогодишен градоначалник на Чаир, а сега е дел од коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, Изет Меџити, синоќа во гостување на ТВ 21 кажа дека додека бил градоначалник ја легализирал куќата на актуелниот министер за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Бујар Османи, оти била изградена на диво.
„Вечерва за првпат кажувам дека кандидатот за претседател Бујар Османи својата куќа ја има изграденo на диво, а јас како градоначалник му ја легализирав нему како и на многу други граѓани, па наместо да плаќа комунални такси по 110 евра за квадратен метар, тој платил едно евро, што значи самиот тој изградил куќа на диво“, изјави Меџити во синоќешното гостување на ТВ 21.
Покрај на Османи, Меџити кажа дека и на други функционери на ДУИ им овозможил легализација на своите објекти кои имале статус на дивоградби.
„Артан Груби и неговите браќа имаат изградено доградба на станови во Чаир. Речиси половина зграда на диво ја изградиле и истите се легализирани“, додава Меџити.