ПОЧЕТНА СВЕТ ЕУ одобри отворање на преговорите со Босна и Херцеговина

ЕУ одобри отворање на преговорите со Босна и Херцеговина

47

Лидерите на државите и владите на Европската Унија одобрија денес на самитот во Брисел отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина.

Одобрувањето на пристапните преговори меѓу Сараево и Брисел претходно го препорача Европската комисија.

Босна и Херцеговина има статус кандидат за полноправно членство од декември 2022 година.

Мислењето на Европската комисија го доби во мај 2019 и во него беа дефинирани 14 приоритети поделени во четири области – демократијата и функционирањето на институциите, владеењето на правото, основните права и реформата на јавната управа – кои БиХ треба да ги исполни за да ги почне преговорите за членство.

Во декември 2023 лидерите на ЕУ изразија спремност да ги отворат пристапните преговори со БиХ и ја повикаа Комисијата во март да објави извештај за степенот на исполнување на клучните критериуми.

Од условите кои ги постави ЕУ на крајот на минатата година за отворање на преговорите, владејачката коалиција во БиХ договори отворање преговори со Фронтекс, граничната служба на ЕУ.

Усвоени се и измени на законот за спречување на перење пари и финансирање терористички активности. Законот за судовите, кој исто така беше еден од условите, уште не е усвоен.

По отворањето на преговорите Европската комисија испраќа преговарачка рамка до Европскиот совет.

Потоа, Европскиот совет ја одобрува рамката, односно преговорите официјално почнуваат.

Потоа се отвораат и затвораат поглавја, по што Европската комисија усвојува позитивно мислење за затворањето на поглавјата. Следниот чекор е Европскиот парламент да го одобри членството.

Потоа следи потпишување на Договорот за придружување меѓу ЕУ и државата кандидат. Потоа, секоја членка на ЕУ треба да го ратификува Договорот за придружување.

Следниот чекор е државата кандидат да го ратификува договорот, а последниот е стапувањето на сила на Договорот за придружување.