ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Лист по лист кини, лист по лист нижи… Ќе има ли крај...

Лист по лист кини, лист по лист нижи… Ќе има ли крај на проблемите на тутунарите?

475

Живееме во ново време, но стиховите од Кочо Рацин во „Тутуноберачите“ од пред 80 години се уште се актуелни со денешните проблеми со кои се соочуваат тутунопроизводителите.

Околу тие проблеми, откупот и цените поразговаравме со неколку земјоделци.

ЗОРАН ГРУЕВСКИ, тутунопроизводител

Вака катастрофален и неорганизиран откуп јас во моите 54 години не паметам. Пред самиот старт на откупот да излезе министерот Љупчо Николовски и јавно да изјави и да ги излаже тутунарите дека тутунот ќе биде со просечна цена од 400 денари е навистина срамно, а внимавајте – таа негова изјава тутунарите ја сфатија сериозно, а кога почна откупот со цена од 300 денари, што е приближно иста како минатогодишната. А оваа година ние имаме и двоцифрена инфлација и подобар квалитет на тутунот, па со самото тоа оваа цена беше на прагот на производната и воопшто не беше исплатлива за тутунарите. Затоа ние не ни носевме тутун на продавање чекајќи цената се покачи до 400 денари колку што кажа министерот.

Но, ништо од тоа не се случи, а деновите си минуваа. Ние тутунарите соочени со беспарица од ден на ден бевме се по нервозни и не знаевме на каде тераме, а министерот Николовски не мрднуваше ни со прст да се реши оваа состојба за да се покачи цената и наместо да дојде да разговара со тутунарите, тој си шеташе по винарии.

За наша среќа во почетокот на таа ситуација излезе сегашниот технички заменик министер Цветан Трипуновски и предложи едно решение како би се зголемила цената на тутунот, а ако не се лажам тоа беше една формула каде на пресметаната производна цена на тутунот да се додаде 30% заработка. Но, не знам зошто министерот оваа формула не ја прифати и отиде со едно делумно решение од покачување на цените на класите за 10% со што се доби цена од 330 ден за прва класа, но и таа цена се уште е премногу ниска за тутунарите и ништо не реши.

Потоа кога се формира техничката влада, по состанокот на техничкиот заменик министер со откупувачите, цената достигна 365 ден за килограм тутун-цена која и не е нешто за фалење, но е повеќе од почетната.

АЈКАН РЕЏЕПОСКИ, тутунопроизводител од Мусинци, со свое гледање на работите:

Ова е глупост што се случува годинава со откупот на тутунот кај се видело ѓубрето и златото да бидат иста класа. Оваа година единствено изгубија тутунарите кои се мачеле да произведат убав тутун, бидејќи и нив и на оние кои произведувале гној им се плаќа исто. И според мене ова мора да се смени ако сакаме да остане тутунот на нашите ниви, а тоа за да се направи треба цените на класите да се покачат и да се цени по класи па дури тогаш оној што произведувал убав тутун ќе земе повеќе пари, а оној што има скапан тутун ќе земе помалку.

ТОМЕ МАРКОВСКИ, тутунопроизводител од Добрушево, пак ни рече:

Оти Министерството за земјоделие не е заинтересирано за решавање на нашите проблеми бидејќи сами си носат законите, сами си поставуваат некојси сојузи кои треба да преговараат за цени а никој не ги прашува тутунарите што треба да се направи. И ако ова не се смени под итно и министерот не излезе од канцеларија меѓу тутунарите за да ги слушни сите нивни потреби и поплаки и заедно со нив не почне да разговара со откупувачите при одредувањето на цените, ние секогаш ќе се соочуваме со протести и незадоволство кај тутунарите, а тоа директно ќе доведи да исчезне тутунот од нивите, а со тоа загубата нема да биде само наша на тутунарите туку и на државата и компаниите.