На два месеца пред избори, трошејќи ја десетата плата зголемена за 78%, пратениците на СДСМ поднесоа измени на сите закони со кои се регулираат функционерските плати. Ќе се интервенира во 6 закони. Кај сите во скратена постапка. Се работи за минимално кратење на коефициентите со кои се множи просечната плата како основица за месечните примања на функционерите.
„Во законот за пратеници во членот 29 став 2 се менува и гласи: коефициентите на платите на пратениците изнесуваат од 3.4 до 3.92, а биле од 3.5 до 4.1. Не случајно почнувам со пратениците бидејќи нефер секогаш ние како пратеници сме на удар на јавноста, а од друга страна станува збор за 120 пратеника, а зголемувањето на избрани и именувани функционери е бројка од 1.060. Можам да го споделам и законот за плата и други надоместоци кај претседател на собрание или влада, 4.50 се заменува со 3.92“ – Мартин Костовски, СДСМ
Нејасно е како функционерските плати ќе останат исти кога коефициентите ќе се скратат минимално, а просечната плата незапирливо расте, па така со овие законски измени може само да се заузда зголемувањето за оваа година и наместо 15%, ќе добијат помало покачување, а догодина повторно ќе има голем скок на функционерските, заедно со просечната плата.
Дилемата може да се забележи и кај Костовски кој прво рече дека платите нема да се зголемат.
„Најдовме уставно издржано решение со кое нема да пораснат платите на функционерите“ – Мартин Костовски, СДСМ
А потоа кажа друго.
„Така е направено за да нема драстично зголемување“ – Мартин Костовски, СДСМ
Едно е сигурно – ланското зголемување од 78% им е загарантирано. Иако со месеци Владата најавуваше дека платите ќе се намалат, а формираше и работна група, тоа не се случи.
Следниот месец ќе порасне и минималната плата. Таа ќе изнесува 22.500. Тоа во превод значи дека еден работник на минималец, ќе треба да работи половина година за да заработи една функционерска плата.