ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Нормалните држави се борат за енергетска независност, Македонија односно политичарите – за...

Нормалните држави се борат за енергетска независност, Македонија односно политичарите – за провизија!

264

Колумна на Никола Тасев, за Скопско ехо.

Македонија е независна држава! Ви делува чудно ова моја констатација? Не е чудно, Македонија е независна држава и мора таква да биде, ама властите се трудат да ја направат зависна. И не само што се трудат, туку и многу направија за нашата држава да не изгледа како независна.

Ова, последниот обид да протнат закон или договор со кој се дава на странци да изградат гасна централа, а и ние плус да им поклониме 50 милиони евра е доказ дека оваа власт не застанува со газење на македонската независност. Инаку, зошто централата не си би ја изградила Македонија сама? Затоа мислам дека сепак најточниот термин е: Македонија е држава со длабоко поткопана независност.

А токму тоа поткопување го правеа сите нејзини досегашни влади, некои повеќе, некои помалку. Распродаваа стратешки капацитети, отуѓуваа или даваа под концесии плодно земјиште и рудници, склучуваа сомнителни договори со инвеститори, се лигавеа пред странците… За на крај и име да сменат, македонската историја да настрада…

Во првата деценија од самостојноста можеби и ќе се најде некое оправдување – Македонија беше млада држава, штотуку излезена од социјалистичкиот систем – со разорена економија и затворени индустриски капацитети, со годишен буџет помал од една милијарда евра, блокирана од север и југ, а со слаба патна инфраструктура кон запад и исток. Тогаш наивно (ама и за некој лукративно) на властодржците им беше важно да се покаже дека државата е отворена за западните земји, подготвена за странски инвестиции, а и добро беше да легне некое евро во државната каса.

Но сега, а особено во последната деценија буџетот порасна (нејасно како и зошто) преку 5 милијарди евра и се поставува логично прашање: зошто владата не одлучи сама да изгради гасна централа и да покаже дека е заинтересирана за Македонија да ја зацврсти својата енергетска независност. Оти цел на секоја држава е енергетската независност да биде што поголема, како би можело да се задоволат потребите на државата во што поголема мерка, без разлика на различни кризи во светот. Тоа е една од стратешките цели на секоја држава, само властите во Македонија размислуваат различно. Развојот на државите и нивната независност во многу зависи и од способноста за одржување на стабилна енергетска ситуација.

Во Ковид пандемијата, а подоцна и по отпочнувањето на руско-украинската војна, најбезболно поминаа државите што енергетски не беа зависни од надвор. А Македонија мораше да купува најскапа нафта, плин по највисока цена и да ги моли соседите за струја по многу повисока сума од берзанската, а македонскиот народ тоа скапо го плаќаше. Добро, за скапото плаќање заслуга имаа и високите провизии на договорувачите, односно „спасителите“ на државата од енергетска криза.

Во Ковид кризата научивме и друго, дека државите во вонредни ситуации се себични и не се држат до никакви договори или морал. Секој гледа својот народ да го заштити. Нашите власти тоа не го сфатија. Или го сфатија, ама провизиите при набавките од странство им беа помили.

Објаснувањата дека Македонија немала пари сама да ја направи Централата се само доказ дека власта е неодговорна по повеќе основи. Зошто нема пари при толкав буџет? На што се трошеа милијарди евра кога гледаме дека ништо не се изгради?

Тенденцијата на СДСМ и ДУИ е јасна. Не верувам дека и до последен ден од владеењето ќе ја променат. Затоа апелирам до опозицијата да најде начин да го спречи овој нов обид за поткопување на на македонската независност. Од тука нека почнат со заздравување на македонските темели, а по изборите треба да се забрза во правец на постепено враќање на некои изгубени делови од независноста.

И да, Македонија е независна држава, ама тоа треба секој ден да се брани и поткрепува.

Претходна„Сите кредити земени со стари документи, од полноќ се неважечки“ – Твитер реакции за возачките, пасошите и личните карти
СледнаКатица Јанева се вработи, иако е во затвор, излегува и оди на работа – кај нејзиниот син