ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Со возило заглавиле на Галичица, на место на кое е забрането возење...

Со возило заглавиле на Галичица, на место на кое е забрането возење – побарале помош од ЦУК

99

Патниот правец Охрид-Ресен, преку националниот парк Галичица, на кој, според информациите на ЦУК било заглавено возилото, е затворен за сообраќај за сите видови возила од средината на ноември лани до 1 април годинава.

Во тричасовна акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК), рано утринава се спасени неколку лица кои со автомобил заглавиле на Галичица, на патниот правец кој подолго време е забранет за моторни возила.

По добиената пријава на единствениот број за итни случаи 112, за случајот била известена Единицата за спасување на планина во Охрид, а нивни екипи итно се упатиле на местото за да интервенираат.

„Паралелно е комуницирано и со граѓаните од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување“, соопштија утринава од ЦУК.

Инаку, патниот правец Охрид-Ресен, преку националниот парк Галичица, на кој, според информациите на ЦУК било заглавено возилото, е затворен за сообраќај за сите видови возила од средината на ноември лани до 1 април годинава. На самото место била поставена и соодветна сообраќајна сигнализација.

Од ЦУК апелираат внимателно возење на повисоките места каде што има снег и да не се вози по патни правци на планините кои се забранети за сообраќај, како на пример, преку Галичица.

ПретходнаУХМР алармира за засилен ветер кој ќе достигне до 60 км/час и снег за време на викендот
СледнаПакистан не се плаши: Веднаш одговори со ОДМАЗДА кон Иран – има повеќе мртви и повредени