Вторник, трет ден од Божиќ, навидум обичен ден во Македонија. Сепак, работите и тоа како може да се променат за само неколку часа. Закажана е владина седница, на која меѓу другото ќе се решава и судбината на директорите во М-НАВ. Од оваа точка ќе зависат многу работи.
Можно ли е ДУИ да ја сруши Владата уште денес или пак СДСМ ќе си ја свитка опашката повторно?
По инцидентот кој се случи во Контролата за летање во М-НАВ, јавноста очекува разрешување на директорите, нешто што го најавија и премиерот Димитар Ковачевски, како и министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Сепак, имаат еден проблем, нивниот коалициски партнер не се согласува со нивното размислување.
Ден по инцидентот во Контролата за летање, од Владата стигна информација дека премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на следната седница на владата во вторник ќе побара целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Премиерот очекува таквиот предлог да се усвои и по разрешувањето на директорите да се отвори итна постапка за избор на нови раководни лица и Управен одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.
„Јас очекувам на седница на Влада како што најави премиерот и во владиното соопштение да се стави точката за разрешување на раководството на М-НАВ заради случувата во таа институција изминатиот период во таа институција. После се што изминатиов период видовме околу случувањата во оваа институција не верувам дека било кој ќе има силни аргументи да се спротистави на предлогот за разрешување, – вели министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Сепак, многу опции се во игра, откако со само една реченица, од ДУИ ја демантираа Владата – од која се дел и самите тие.
„Ќе дебатираме. Можеби Владата има посилни аргументи од судот“ – рекле од ДУИ за ТВ 24.
Сето ова јасно значи дека ДУИ нема толку лесно да се откаже од своите директори. Дали ќе бара нешто за возврат, можеби ќе ја бутне Владата уште денес или пак уште еднаш СДСМ ќе ја свитка опашката? Одговорите на овие прашања ќе ги добиеме на денешната владина седница.