Монасите од Бигорскиот манастир, тврдат дека со години биле мета на соработниците на Љупчо Палевски-Палчо. Но не само тие туку и владиката г Партинеј добивал закани и навреди, додаваат оттаму. Според нив, поддршка имал од високи претставници на МПЦ-ОА.
„Една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму нашиот старец и духовен татко, владиката г. Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници!
-Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење. И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество“, пишуваат од Бигорскиот манастир на црковниот веб-сајт.
Прашуваат, дали ќе има одговорност, па ја споменуваат и кампањата на Палчо за спасување на црквата, која ја тераше преку своите поддржувачи.
„Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив или, едноставно, ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество?
Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа?
Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои ’верници’, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па, дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за ’спасување’ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг“, додаваат тие.