ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Притвор за две лица што изнудувале пари и запалиле автомобил во Штип

Притвор за две лица што изнудувале пари и запалиле автомобил во Штип

20

Триесетдневен притвор им е определен на две лица од Штип кои се осомничени дека сториле две кривични дела – изнуда и предизвикување општа опасност.

Осомничените, како што информираат денеска од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип, во последните неколку дена од старата година, испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, со цел да му изнудат парични средства.

Оштетениот, додаваат од Обвинителството, соочен со сериозни закани кон сопствениот и животите на членовите на неговото семејство, ги пријавил оштетените во штипската полиција.

Потоа, според описот на случајот од Обвинителството, била договорена средба на 4 јануари годинава на која осомничените требало да преземат 30 илјади денари. Полициските службеници ги затекнале при обидот да ги земат парите од оштетениот и ги уапсиле.

Од ОЈО Штип претходно обезбедиле докази кои давале основано сомнение дека истите лица на 16 декември пред зграда на улицата „Сремски фронт“ намерно запалиле паркиран автомобил „сеат леон“ кој бил сопственост на жена.

На тој начин, додаваат од Обвинителството, осомничените со умисла предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето.

За овие лица ОЈО Штип донело наредба за спроведување истражна постапка, а поради опасноста од бегство, можноста да влијаат врз сведоците или да ги повторат делата, јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените.