ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Кривична пријава против тројца за крвничкото претепување на бездомното куче Феликс кое...

Кривична пријава против тројца за крвничкото претепување на бездомното куче Феликс кое угина вчера

4

Кривична пријава е поднесена против три лица за крвничкото претепување на Феликс, бездомното куче кое угина вчера, а чија судбина допре до илјадници луѓе во земјава. Од МВР за А1он информираа дека кривичната пријава е поднесена за „мачење животни“, дело предвидено и казниво согласно член 233 од Кривичниот законик.

-СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава со КУ број 7367 против Љ.К.(61), Б.Б.(64) и З.Д.(74), сите од Скопје. За сите дополнителни информации може да се обратите до надлежното ОЈО Скопје, во чија надлежност за постапување е горенаведената кривична пријава, изјавија од МВР.

Од обвинителството не одговорија на нашето прашање до каде е постапката во однос на поднесената кривична пријава и во кој стадиум е истата. Сега, овој случај целосно е во рацете на обвинителството, кое треба да ги гони трите лица кои со метална шипка на 19 ноември лани крвнички, со метална шипка по главата го претепаа кучето, само поради тоа што тоа извршило нужда пред складиштето во Момин Поток.

По 50-дневна битка, Феликс вчера угина во ЈП „Лајка“ поради сериозните повреди на главата.