ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски очекува интерпелациите да не поминат, критиките немале врска со реалноста

Мицкоски очекува интерпелациите да не поминат, критиките немале врска со реалноста

71

Неуспешен обид за интерпелација на петмина функционери во Собранието очекува премиерот, Христијан Мицкоски. Собранието в петок почнува со работа, а на првата седница се интерпелациите за вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и за неговиот заменик, Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и за Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.

„Очекувам од опозицијата напади кои ќе поларизираат. Очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои што немаат никаква врска со реалноста. Но, добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлечат поука, многу скоро програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што се правеа во минатото“, рече Мицкоски.

Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исеини на 3 декември, минатата година, ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме. Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.Претседателот на Собранието, Африм Гаши пред две недели најави дека интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на првата собраниска седница во јануари. Седницата ќе почне во 11 часот.