Привршуваат активностите за поправање на дефектите и модернизација на главниот градски цевковод во Скопје, а од ЈП Водовод и канализација известуваат дека наскоро ќе протече вода низ водоводот.
Завршени се активностите кај Порта Влае, мост Обединети нации и на булевар Партизански одреди во Карпош 4, поради кои беше затворен главниот цевковод, а при крај се активностите за за реконструкција на затварач Ф700 на улица Никола Парапунов во Карпош 4, каде што десетина дена течеше вода на улицата.
-Овој зафат се одвива независно од останатите и за него не е неопходно затворање на главниот довод. Затоа полнењето на главната цевка веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа, велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Во меѓувреме, од Институтот за јавно здравје апелираа граѓаните да не пијат веднаш од водата, штом таа се врати, бидејќи контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата може да потрае и до еден час. Од таму наведуваат дека водата може да има променета боја, невообичаен мирис, заматеност па дури и ситни зрнца или песок.
-Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат сите чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие. Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација, известија од Институтот за јавно здравје.