Првиот вицепремиер и министер за животна средина од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, ја поздрави одлуката на американскиот Стејт департмент со која поранешниот вицепремиер Артан Груби се најде на „црната листа“.
Ексфункционерот на ДУИ оцени дека одлуката на САД е доказ оти биле во право кога се бореле против корупцијата, кога барале кадровски смени во партијата и кога, како што рече, ги откриле сценаријата на ДУИ за спас на ексшефот на УБК, Сашо Мијалков и за враќање од Будимпешта на поранешниот премиер Никола Груевски.
-Кога баравме Груби да биде сменет од партијата – бевме одбиени. Кога баравме да биде сменет од вицепремиер – бевме одбиени. Али Ахмети немаше слух за тоа што му го кажувавме. Зошто е тоа така, знае Али Ахмети, но знаеме и ние. Некој не верува дека Артан Груби сам и за себе постапувал. Земал мито и одработувал за ослободување на Мијалков. Лобирал и одработувал за враќање на Никола Груевски. Али Ахмети, време е да признаеш дека згреши и да кажеш зошто Артан Груби беше позначаен од сите искрени членови на ДУИ кои не сакаа да ја гледаат партијата како се распаѓа заради криминалните интереси на поединци околу тебе, изјави Меџити на денешната прес-конференција.
Оцени дека ДУИ можеби немало да оди во опозиција доколку Ахмети смогнел сили и се справел со корупцијата во партиските редови и застанал на патот на Груби кон корупцијата и соработката со Мијалков и Груевски.
Меџити го повика членството на ДУИ да ја напушти партијата – го напушти, како што рече, корумпираниот брод што тоне. Од институциите, пак, побара соодветно да постапат и да ги истражат сите наводи за случајот со цел одговорност да преземе секој оној што ги прекршил законите.
Претходно денеска од ДУИ се произнесоа оти ја почитуваат одлуката на американскиот Стејт департмент за одлуката Артан Груби да се најде на т.н. „црна листа. Порачаа дека како партија остануваат посветени на работата со САД и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста.