ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА (ВИДЕО) Полицајци со службени возила речиси 1.000 пати поминале патарина без да...

(ВИДЕО) Полицајци со службени возила речиси 1.000 пати поминале патарина без да платат, кривично ќе се гонат

24

Во период од 1 јануари до 15 август годинава шест вработени на наплатната рампа „Романовце“ на автопатот Куманово-Миладиновце, раководејќи се по список на регистарски таблички на приватни возила, 959 пати не им наплатиле билет за патарина на 12 полицајци, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму велат дека полициските службеници ја искористиле службената положба и прибавиле материјална корист со неплаќање билет за премин на наплатната станица „Романовце“ со своите приватни возила.

„Поднесена е кривична пријава против 18 службени лица, од кои 12 се полициски службеници, припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека преостанатите шест се вработени на наплатната рампа ‘Романовце’ при ЈП за Државни патишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања по член 353 од Кривичниот законик“, соопштија од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување постапка против полициските службеници за да се утврди дисциплинска одговорност, а ќе изрече и мерки за отстранување од работното место додека не заврши дисциплинската одговорност.