ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Приватните автобуси повторно не возат, бараат повисока цена за изминат километар

Приватните автобуси повторно не возат, бараат повисока цена за изминат километар

4

Граѓаните се жалат дека приватните превозници, овој пат без никаква најава, не возат низ скопските улици. Социјалните мрежи се преполни со коментари. Едни велат дека ова е играње со народот и оти има друг начин на искажување незадоволство, а луѓето плаќаат за слободни.

– Не е можно, што е сега?! Па кога им е должен Град Скопје за вршење услуги. Што ќе прават луѓето, имаат фамилии за прехранување? – вели Жаклина Алексова.

Од приватните превозници вчера потврдија дека не возат од средата. Причината, како што наведуваат, е што Град Скопје не им ја покачил цената за изминат километар.

– Цената за изминат километар не е променета од 2015 година, нашите плати се 22.000 денари. Нема со што да ги платиме возачите. Зголемувањето на цената за изминат километар требаше да биде ставено на дневен ред на последната седница на Советот на Град Скопје, но не се случи тоа. Сè додека не се одлучи за зголемување на цената за изминат километар, ние нема да возиме – велат приватните превозници.

Тие бараат да се зголеми цената за изминат километар за 40 проценти, бидејќи сега изнесува 70 денари за изминат километар.

Последно, тие не возеа на почетокот од учебната година, односно на почетокот од септември, но откако постигнаа договор со секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров, и со директорот на ЈСП, Драги Кушовски, и откако им беа префрлени 80 проценти од долгот или 40 милиони денари за пакетот 1, тие продолжија да сообраќаат на своите линии. Тогаш се разговорало да им биде платено повеќе за изминат километар и да биде тоа како точка на дневен ред на следната седница на Советот на Град Скопје, но не се случи тоа.

Од Град Скопје велат дека тие, граѓаните на Градот Скопје, па и приватните превозници, со години се заложници на политичкиот дилетантизам на ВМРО- ДПМНЕ.

Тие додаваат дека за вчерашната седница на Советот на Град Скопје, приватните превозници испратиле до претседателот на Советот, Трајко Славевски, барање за зголемување на цената на услугите, при што, како што наведуваат, Славевски одбил да го стави на разгледување пред советниците, што било причина за револт кај приватните превозници.

– Скопје е заложник на политичка група, која секојдневно е водена од намерата да предизвика што поголеми проблеми за скопјани, бидејќи секој успех на Градот го смета за свој неуспех – потенцираат градските власти.