Хезболах вети дека ќе одговори на вчерашниот израелски напад во кој се убиени неколку луѓе и рани илјадници низ Либан, кога пејџери што припаѓаат на членови на групата поддржана од Иран експлодираа речиси истовремено, што откри масивен безбедносен пробив и ја покажа големината на израелското разузнавање.
Меѓу загинатите во експлозиите имало и едно дете, а околу 2.800 луѓе се ранети, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абиад. Најмалку 170 лица се во критична состојба, додаде тој, иако природата на другите повреди е нејасна.
Овој напад без преседан ризикува дополнително ескалирање на тензиите на Блискиот Исток, кои веќе се зголемени поради војната на Израел против Хамас во Газа. Овој исклучителен инцидент, исто така, ја нагласува ранливоста на Хезболах, чија комуникациска мрежа била компромитирана со смртоносни последици, а следува по серија целни атентати врз нејзините команданти.
Си-Ен-Ен дознава дека експлозиите биле резултат на заедничка операција помеѓу израелската разузнавачка служба Мосад и израелската војска. Иако израелската војска изјави дека нема да коментира за експлозиите, и Либан и Хезболах го обвинија Израел за нападот. Иран, исто така, обвини, нарекувајќи го „израелски тероризам“.
Шпекулациите се зголемуваат околу тоа како нискотехнолошките безжични комуникациски уреди може да биле искористени. „Њујорк Тајмс“ вчера објави дека Израел сокрил експлозиви во серија пејџери нарачани од тајванскиот производител „Голд Аполон“ и наменети за Хезболах. Додаден бил прекинувач за нивно далечинско детонирање, се наведува во медиумскиот извештај.
Основачот и претседателот на „Голд Аполон“ изјави денеска пред новинарите дека пејџерите користени во нападот биле направени од европски дистрибутер. Су Чинг-куанг рече дека неговата фирма потпишала договор со дистрибутерот за користење на брендот „Голд Аполон“.
Видеа што кружат на социјалните мрежи и новински агенции покажуваат моќни експлозии на различни локации низ Либан. Во едно видео од безбедносна камера, се гледа како човек избира овошје во супермаркет кога експлозијата му ја кине торбата на парчиња. Сведоците бегаат откако го слушаат ударот, додека човекот паѓа на земја, држејќи се за долниот дел од стомакот. По неколку секунди, се слуша како стенка од болка.