На неколку дена до почетокот на академската година, студентите се надеваат на чудо да бидат примени во студентски дом. Бројот на легла опаѓа, за само четири години истиот се преполовил, велат од Левица кои поднесоа предлог закон за утврдување на максимален праг за висината на кириите, која според нивните пресметки би изнесувала до 250 евра.
Проблемот со сместување на студентите е една од причините за овој потег од Левица зашто како што велат кога може да има минимален праг доблесно е да се утврди и максималниот.
Дека има проблем со сместувачките капацитети, а студентите оставени да се снаоѓаат сами како знаат и умеат се согласни и од Форумот за образовни промени тие во неколку наврати до надлежните им укажувале на опцијата за создавање на така наречените студентски градови, нешто што и те како им е од полза на студентите а се применува во добар дел од државите во ЕУ.
Дополнително со академската 2024 / 25 година дел од факултетите воведоа уште една дополнителна давачка од 2 500 денари покрај школарината станува збор за набавки на ресурси. Од форумот за образовни промени велат дека ова дополнително го осиромашува студентскиот живот, според нивните анализи за високо образование од почеток на студиите до дипломирање на еден студент му требаат околу 11 000 евра.
И од министерството за образование и наука се свесни за состојбата околу сместувачките капацитети и дека се малку, како алтернатива е понудено да се користат слободните ученички капацитети.
Согласно конкурсот, обезбедени се 4.303 места, од кои 1.034 за студенти од прва година, а 3.269 се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти. Право на прием имаат редовни студенти што се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.