ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот...

СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот на Собранието

80

Доколку не го применува истиот принцип (како со Законот за кредит од Унгарија – н.з.) очекуваме образложение. СДСМ ќе ги преземе сите демократски механизми што стојат на располагање, велат од опозицијата.

Пратеничката група на СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот на Собранието Африм Гаши и очекува тој да одговори дали и кога ќе ја закаже седницата на надлежната собраниска комисија за законот за бранители. СДСМ очекува Гаши да постапи исто како и за законот за кредит од Унгарија.

– Доколку не го применува истиот принцип, очекуваме образложение. СДСМ ќе ги преземе сите демократски механизми што стојат на располагање – се вели во дописот до Гаши.

Од друга страна, владините партнери премиерот Христијан Мицкоски и Арбен Таравари од коалицијата Вреди воопшто не разговарале за обесштетување на бранителите, како и за решавање на статусот на поранешните припадници на ОНА.

Ова значи дека ни бранителите ни поранешните припадници на ОНА не се на агендата на власта и извесно е дека законот поднесен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, ќе остане заглавен во Собранието. Претседателката на Комисијата за социјални политики Илире Даути одби да свика седница за бранителите, а претседателот на Собранието Африм Гаши не ја повика на одговорност зашто таа свикала комисија, но без точка за бранителите.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди не разговарале за најавите од албанскиот коалициски партнер во власта дека ќе бараат поранешните припадници на ОНА да имаат еднакви права како бранителите.

– Не, не сме разговарале на таа тема. Многупати сме го соопштиле нашиот став: бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка – рече Мицкоски.

На прашање дека претседателката на Комисија Илире Даути не го става на расправа законот за бранителите, Мицкоски рече дека прашањето треба да се постави до неа, но тој е дециден дека Даути треба да ја стави на седница расправата за бранителите.

На Таравари, пак, не му е јасно зошто, како што вели, се драматизира за законот за бранителите.

– Ова е седми пат како се носи и сега мислам дека не е моментот за да се разговара за такви теми. Мислам дека таа точка засега нема да се третира, ниту ќе помогне, но ништо трагично – вели Таравари.

Тој додаде дека партиите коишто се опозициски, особено тие што се дел од Европскиот фронт, шест пати имаат изгласано таков закон.

– Не е моментот да се разговара за тоа – дециден е Таравари.

СДСМ ја повика Даути да свика седница за бранителите за законското решение да ги помине собраниските тела за да може пратениците да го донесат законот. Откако Даути рече дека додека таа е претседателка на Комисијата, никогаш нема да се расправа за бранителите освен ако еднакви права како нив не добијат и припадниците на ОНА, Петровска повика ВМРО-ДПМНЕ како најголема владејачка партија да го искористи своето влијание и законот да биде донесен.

И Левица ја прозва ВМРО-ДПМНЕ за законот за бранителите.

– Ќе го поддржиме законот. Многу интересно е како за задолжувањето сè помина низ комисиите како што треба, а за законот за бранителите не помина. ВМРО-ДПМНЕ треба да се освести и да ги искористи сите механизми за да се донесе овој закон – рече Амар Мециновиќ од Левица.

Предлог-законот, кој е блокиран во Комисијата, предизвика жестоки реакции во албанскиот политички блок. Според Вреди и Европскиот фронт, решение за бранителите ќе нема ако нема решение и за поранешните припадници на ОНА.

Претседателот на парламентот ни вчера не одговори дали ќе преземе нешто во врска со Комисијата за социјални политики и на кој член од Деловникот се повикува Гаши дека тој самиот одлучува дали ќе закаже комисија или не кога тоа во законскиот рок не го прави претседателката на работното тело. Гаши не одговара ни на кој член од Деловникот претседателката на Комисијата Даути по своја волја одбира за која точка ќе расправа.