ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Обајвен е повикот за општините вреден 250 милиони евра, целиот процес...

Мицкоски: Обајвен е повикот за општините вреден 250 милиони евра, целиот процес ќе биде транспарентен

107

Премиерот Христијан Мицкоски денес на прес-конференција го најави стартот на проесктот наменет за општините вреден 250 милиони евра. Тој рече дека целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.

Мицкоски апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик. Право да поднесуваат апликации и предлог-проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

„Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.

Како што рече и во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра. Смета дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.

До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти. Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.