ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Сообраќаец ќе внимава на учениците на раскрсницата кај ООУ „Љубен Лапе“

Сообраќаец ќе внимава на учениците на раскрсницата кај ООУ „Љубен Лапе“

39

Општина Аеродром апелира до Град Скопје итно да постави соодветна сообраќајна сигнализација на раскрсницата што се наоѓа на улицата „Коста Новаковиќ“, кај ООУ „Љубен Лапе“.

Оттаму објаснуваат дека станува збор за многу фреквентна сообраќајница, каде што, особено во утринските часови, се создава метеж пред почетокот на наставата, кога одат учениците пеш кон училиштето или родителите ги носат со возила во тој период од денот.

Утринава, на посочената локација, излегоа в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и командирот на полициската станица во Аеродром,Тони Петровски, заедно со тим од полицијата со цел да ја увидат фактичката состојба и да постават ред за безбедно одвивање на сообраќајот.

– Во наредниот период, на критичната точка ќе има полициско службено лице, кое ќе врши регулирање на возилата и на пешаците пред почетокот на првиот училиштен час, но бидејќи станува збор за улица под надлежност на Град Скопје, потребно е да се постават семафори, со што трајно ќе се реши овој проблем – потенцираат од локалната самоуправа.

Општина Аеродром, во соработка со МВР, спроведува вакви и слични превентивни мерки во непосредна близина на сите основни училишта, со цел учениците безбедно да стигнуваат на настава, а и да се подигне свесноста кај сите чинители во сообраќајот.

Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ нагласија дека на улицата „Васко Карангелевски“, во изминатиот период, имаат имплементирано повеќе мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот, како воведување зона на училиште, вибро ленти и други мерки кои, како што велат, значително придонесуваат за намалување на брзината на возилата.

– Проектот за воведување нови семафори на крстосницата меѓу улицата „Васко Карангелевски“ и улицата „А. Димовски“ поодамна, согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, е доставен до МВР – Сектор за внатрешни работи – Скопје за добивање на потребната согласност за негова имплементација, барање на кое сè уште нема одговор од надлежните. До Секторот за внатрешни работи имаше доставено основен сообраќаен проект за светлосни сигнали семафори на таа локација. Доставен е три пати, но СВР Скопје три пати негативно се изјасни за него, односно не даде согласност за поставување и од таа причина не можеше да биде имплементиран на терен – објаснуваат од ЈП „Улици и патишта“.

Оттаму апелираат до в.д. градоначалникот на Аеродром, Митески, да си ги научи надлежностите, бидејќи улицата „Коста Новаковиќ“ е под надлежност на Општина Аеродром, додека за поставување семафори на улицата „Васко Каранѓелески“, го упатуваат да ургира во СВР Скопје да се издаде потребната согласност.