ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Филков: Десетина дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил...

Филков: Десетина дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил според законите

126

Министерот за правда Игор Филков смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити да биде во куќен притвор поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, кој потоа избега од државата, е погрешна и во спротивност со досегашната пракса.

Филков вели дека ова прашање треба да биде приоритет посочувајќи дека веќе 10-тина дена се чека Судскиот совет да одлучи дали Пајазити постапил согласно законите.

– Одлуката на судијата не само што е погрешна, туку е во спротивност на досегашната пракса. А нашата цел е целосна примена на законите во државата за секого без исклучок. Ова прашање треба да има приоритет, а веќе 10 дена го чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил согласно законите, што не е така и доколку се разгледаат сите докази, аргументи и факти ќе биде констатирано дека не, не одлучил правилно. Ако бидеме искрени ќе признаеме дека во одлуката на судијата Пајазити е отсликано сето она што го поткопува правниот систем во државата и против кое безусловно ќе се бориме да го смениме. Затоа ни се потребни темелни реформи. Оваа постапка и оваа одлука укажуваат дека мора да спроведеме реформски процеси за да изградиме правен систем каде ќе има еднаква правда за сите. Систем каде ќе доминираат вистински професионалци, законски и правни принципи, а не други интереси или пак уште полошо партиски послушници, вели Филков во интервју за „Фактор.мк“.

Во однос на најавените реформи за Судскиот совет, Филков вели дека целта е да се создаде целосно независно судско тело кое ќе носи аргументирани и законски и правно издржани одлуки.

– Започнавме со тоа независноста на ова тело да биде постигната не со предлозите од Владата, од Парламентот, од Претседателот, туку напротив предлозите за нови членови да дојдат од самите судии и обвинители, самите да ги изберат најдобрите и најпринципиелните меѓу нив. И затоа дадовме време Советот односно самите со гласање или каков и да е механизам, да ги изберат своите членови. Но, од нивна страна се уште нема никаков одговор, ниту некаква реакција, ниту одлука, вели Филков.