Телата на вкупно десет лица биле најдени во реката Дрина, каде вчера се преврте чамец кој превезувал нелегални мигранти, потврдија официјални извори во Босна и Херцеговина.
Директорот на цивилната заштита на Република Српска Борис Трниниќ кажа за локалните дека спасувачките тимови и нуркачите за време на пребарувањето на реката која претставува природна граница меѓу Србија и БиХ нашле безживотни тела на девет возрасни лица, но и бебе кое имало само шест месеци.
Се претпоставува дека во чамецот со кој мигрантите се обидувале да преминат во БиХ имало триесетина лица. Според досега достапните податоци, несреќата ја преживеале 18, од кои 16 државјани на Сирија, а двајца на Египет.
Меѓу преживеаните има дури десет малолетни лица.
Според податоците на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во изминатите десет години повеќе од 64 илјади мигранти смртно настрадале во обид да стигнат до безбедни земји, вклучувајќи најмалку 3.500 деца.
БиХ е меѓу важните транзитни земји за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до западноевропските земји, а директорот на Службата за работа со странци на БиХ Жарко Лакета предупреди дека тие сè почесто стануваат жртви на шверцерите со луѓе.
Тој кажа дека шверцерските групи сега често ги водат поранешни припадници на специјалните едници на авганистанската војска и полиција.