Православните христијански верници денеска го слават Преображението Господово, празник посветен на сеќавањето на настанот на Христовата преобразба на планината Тавор кога ги објавува неговите страдања и слава.
Преданието вели дека во третата година од Својата проповед на земјата, Господ Исус почесто им зборувал на Своите ученици за Своето блиско страдање, но воедно и за славата Своја после страдањето на крстот. Сосема да не ги раслаби учениците со Неговото страдање што претстоело и да не отпаднат од Него, Он Премудар сакал пред страдањето делумно да им ја покаже Својата божествена слава. По шест дни ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и Јована, и ги изведе на висока гора (Тавор) сами; и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него. Тогаш Петар Му одговори на Исуса и рече: “Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници (шатори): една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија”. Додека говореше тој, ете, ги засени светол облак и се чу глас од облакот, кој велеше: Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го! И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: Станете и не плашете се! (Мат. 17,1-8). Зошто Господ зел само тројца ученици на Тавор а не сите? Затоа што Јуда не бил достоен да ја види божествената слава на Учителот, Кого тој ќе Го предаде, а него самиот, Господ не сакал да го остави под гората, та со тоа предавникот да не го оправдува своето предавство. Зошто се преобразил на гората, а не во долината? За да нè научи на две добродетели: на трудољубие и на богомислие. Оти за качувањето на височина е потребен труд, а височината ја претставува висината на нашите мисли, т.е. богомислието. Зошто се преобразил ноќе? Затоа што ноќта е попогодна за молитва и за богомислие отколку денот, и оти ноќта ја покрива со темнина сета земна убавина, а ја открива убавината на ѕвезденото небо. Зошто се јавиле Мојсеј и Илија? Да се разбие еврејската заблуда дека Христос е еден од пророците – Илија, Еремија или некој друг, затоа Он се јавил како Цар над пророците, и затоа Мојсеј и Илија се јавиле како слуги Негови. Дотогаш Господ многупати им ја покажувал на учениците Својата божествена моќ, а на Тавор им ја покажал Својата божествена природа. Тоа видение на Божеството Негово и слушањето на небесното сведоштво за Него како за Син Божји требало да им послужи на учениците, во деновите на страдањата Господови, на утврдување на непоколебливата вера во Него и Неговата крајна победа.
Во црква на Преображение, како знак на благодарност на Бога за плодовите дадени од земјата, грозјето се осветува и се дава на луѓето, а во области каде што нема грозје, се делат други плодови.
Овој празник секогаш паѓа во време на Богородичниот пост. Затоа празничната трпеза е збогатена со вино и риба. На крај на светата литургија се осветува и грозје, кое се дели на гробовите за покој на душата.
Во народот постои верување дека на овој празник целата природа се преобразува, дека од денеска ноќите стануваат поладни како и дека од овој ден почнува да се најавува скорешното доаѓање на есента.
Како што се верува, на денешниот ден не треба да се бањаме во отворени води, реки и мориња. На Преображение не е добро да се спие преку ден, бидејќи кој отспие преку ден, цела година ќе биде дремлив. Не е добро ни да се плаче, ниту пак цел ден да се помине во кафеана, како не би станале расипници. Но она што е задолжително е на овој ден да пробате грозје.