Возач на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје е осомничен за предизвикување на сообраќајната несреќа во која животот го загуби 17-годишно момче од с. Блаце, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Според информациите од соопштението на ОЈО Скопје, постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
„Осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус сопственост на ЈСП Скопје по општинскиот пат Шуто Оризари – Горно Оризари, „не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето“, велат од ОЈО Скопје.
Несреќата се случила откако 51-годишниот возач на автобусот, возејќи во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата „Александар Урдаревски”, свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока по што со левиот дел од возилото удрил во автомобилот „форд галакси“ со кој управувал 17-годишното момче.
-При ударот момчето се здобило со тешки телесни повреди од кое починало, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност“, соопшти ОЈО Скопје.
Несреќата се случила вчера околу 9:30 часот, а МВР претходно информираше дека на лице место загинало малолетното лице, а со телесни повреди се здобило уште едно малолетно лице кое било сопатник во автомобилот. Во несреќата учествувало и трето возило, „фолксваген голф“ кое го напуштило местото.