Во моментов од Казнено-поправната установа Затвор „Струмица“ во бегство се 23 затвореници, информира новоименуваниот в.д. директорт на затворот, Зоран Ристов.
Ристов вели дека ова е резултат на неодговорното работење на претходни раководства.
„Во изминатиов период во пракса било преку телефонски повик да се даде погодност на затвореник со зборовите ‘Јас стојам зад тоа’. Ваквите процеси во претстојниов период уредно ќе се истражат. Оваа пракса во КПУ Затвор ‘Струмица’ завршува и одговорност мора да следува. Прва моја задача е да се врати достоинството и работниот имунитет на вработените“, изјави Ристов.
Согласно Законот за извршување на санкции и куќен ред, Ристов, посочува дека КПУ Затвор Струмица ќе го врати нормалниот процес на ресоцијализација на осудените лица.
Најавува и носење на годишен план за работа за подобрување на стандардот на затворениците во делот на услови за живот и работа.
На 24 јули на предлог на директорот на Управата за извршување на санкции, Зоран Ристов е именуван за в.д. директор на КПД Затвор Струмица.