Избирачките одбори ќе добијат надомест за своите активности во двата изборни циклуси. Со ребалансот на буџетот се обезбедуваат пари и за платеното политичко рекламирање. Но, парите за превенција од СИДА се намалени од 100 на 14 милиони денари. Ова е дел од одлуките на Комисијата за финансирање и буџет на последниот ден од комисиската расправа за ребалансот.
Три месеци по изборите, одобрени се средства за исплата на избирачките одбори и на медиумите.
Комисијата за финансирање и буџет прифати амандман со кој на ДИК ќе ѝ бидат префрлени 318 милиони денари за активностите на избирачките одбори и на другите ангажирани во претседателските и во парламентарните избори.
За медиумите кои склучија договори за платено политичко рекламирање, обезбедени се 32 милиони денари.
Не беше прифатен амандманот за заштита на населението од СИДА. Иако годинава средствата се намалени од 100 на 14 милиони денари, власта најавува дека за тоа би можела да одлучува кон крајот на годината.
Европскиот фронт нема да го поддржи ребалансот бидејќи не е прифатен ниту еден нивни амандман.
Пратениците поднесоа 58 амандмани, дел од нив повлекоа, другите беа одбиени. На последниот ден од амандманската расправа, најмногу реакции имаше за амандманското барање средства за болница во Зелениково, која не постои, а објектот е предаден на приватна здравствена установа.
Ребалансот на буџетот сега треба да добие поддршка на пленарна седница, која може да трае најмногу три дена.