ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА На судијата Наќе Георгиев му се заканува уште едно кривично дело, откако...

На судијата Наќе Георгиев му се заканува уште едно кривично дело, откако заврши во притвор за мито

234

На врховниот судија Наќе Георгиев му се заканува гонење за уште едно кривично дело откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на неговиот телефон дошло до сознанија кои упатуваат кон тоа. Одземени се два мобилни телефони, видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители.

Георгиев е во притвор за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случај поврзан со поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој пак беше фатен во шверц на марихуана. Телефонот на Георгиев всушност бил анализиран во врска со овој предмет, а обвинителството притоа дошло до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело.

„Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапија при МВР по наредба на судијата и ги обезбедиле бараните предмети. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека од тоа што го знае имало индиции за злоупотреби.

„Има индиции за создавање на еден центар на моќ во обвинителството и судството кое што е партиски октроиран, преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има дали ќе се потврди тоа ќе каже МВР. Но, доколку се потврди, од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор кон тоа дека навистина имаме партиски октроирано и заробено судство и обвинителство и не ме чуди што довербата е само 2 проценти. Континуирано ќе продолжиме да се бориме против криминалците во правосудниот систем“, изјави Мицкоски.

Според него, сепак се работи за исклучоци и има многу чесни судии и обвинители, но за жал тие се во втор план.

Адвокатот на врховниот судија, Александар Тумановски по приведувањето на Георгиев изјави дека неговиот клиент не е виновен и дека го местат. Георгиев е под сомнеж дека нудел погодности на синот на ексградоначалникот Стојчев. Второосомничен е поранешниот народен правобранител и сегашен член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети.