Законот за измена на Законот пензии ќе биде донесен откако ќе помине ребалансот на Буџетот, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски.
Во вечерашното гостување на „Топ тема“, Мицкоски повтори дека во Буџетот недостигаат 200 милинои евра и за тоа, најави, ќе има одговорност. Се осврна и на средствата од ЕУ кои се предвидуваат за земјава со Планот за раст, истакнувајќи дека министрите Муртезани, Муцунски, Божиновска, Андоновски, Кочовска Димитриевска и Николоски за две недели го имаат завршено досието на државата, нешто што претходната власт две години не го направила.
Премиерот е дециден дека нема да потроши 550 милиони евра за пруга која завршува, како што рече, во слепа улица на половина тунел. Според него, тие пари е добро да се реализираат за модернизација на пругата на Коридорот 10.
-Нека помине ребалансот, веднаш потоа почнуваме со процедурата за законските измени за пензиите. Тие ќе важат не само за сега, туку и за март следната година зашто два пати се нивелираат пензиите, и во септември и во март. Во првите девет месеци го испорачуваме ветувањето, истакна Мицкоски.