ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Членовите на ДКСК бараат дипломатски пасоши, но МНР вели дека не им...

Членовите на ДКСК бараат дипломатски пасоши, но МНР вели дека не им следуваат

43

Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) побарале дипломатски пасоши, но Министерството за надворешни работи (МНР) се изјасни дека на нив не им следуваат. Сепак, засега само претседателката Татјана Димитровска добила таков документ.

Во изјава за ТВ24, Димитровска истакна дека тоа е легитимно право на членовите на Комисијата бидејќи биле избрани од Собранието.

„Побарани се дипломатски пасоши за членовите на Комисијата, но засега само јас, како претседателка, го имам добиено. За другите членови нема ни одговор дали ќе добијат дипломатски пасош. Легитимно право е на секој член да си побара, а институцијата ќе цени дали им следува“, изјави таа.

Според неа, нема дилема дека на членовите на Антикорупциска им следуваат дипломатски пасоши, бидејќи тие не се користат за приватни цели, туку за службени патувања на настани во други држави.

Од МНР за „360 степени“ велат дека на членовите на ДКСК не им следуваат дипломатски пасоши, а дека претседателката го добила по проценка на претходниот министер Бујар Османи. Овој одговор е спротивен на изјавата на Димитровска, која тврдеше дека дипломатски пасош ѝ следува.

Во истата изјава, Димитровска негираше дека барале службени возила. Сепак, „360 степени“ доби одговор од Владата и Агенцијата за управување со одземен имот, кои потврдуваат дека Антикорупциска има поднесено барања за службени возила.