ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ЈСП вози со 100 автобуси помалку од потребното – советниците повторно не...

ЈСП вози со 100 автобуси помалку од потребното – советниците повторно не ја поддржаа набавката на нови екоавтобуси

66

На Јавното сообраќајно претпријатие му недостигаат автобуси за да го почитува возниот ред. Директорот на ЈСП Драги Кушовски денеска на седница на Советот на Град Скопје посочи дека во моментот има недостиг на 40 до 50 автобуси.

– Возниот парк во ЈСП, по набавката во 2012 година на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летниот и зимскиот, се правени на таа бројка автобуси. Во моментов, во сообраќај се ставени од 190 до 200 автобуси. Со оваа бројка на автобуси не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Колку и да работиме и да сакаме, возачите не се во состојба да го реализираат возниот ред. Од септември кога ќе се воведе зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка бидејќи се зголемува бројот на автобуси. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси, рече Кушовски.

На денешната седница, не помина ниту предлогот за набавка на нови еколошки автобуси. За предлогот гласаа само 17 советници.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ги повика советниците да дадат поддршка на иницијативата за набавка на нови еко автобуси.

– На овој град му се неопходни превозни средства кои ќе бидат еколошки и кои нема да загадуваат и ќе ги задоволат поребите на граѓаните. Секој ден гледате дека граѓаните се незадоволни, Одлуката која ќе го реши нивниот проблем е во ваши раце, јас не можам да ја донесам затоа што тоа е ваша одлука. Ако можев јас да ја донесам, досега ќе ја донесев одлуката, рече Арсовска.

Додаде дека оваа јавна набавка мора да биде повеќегодишна и дека ако се отпочне со постапката, таа би завршила следната година, а набавката би била од 2026 година.