ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СВР Скопје: Децата се повредиле додека кршеле инвентар во дневната соба

СВР Скопје: Децата се повредиле додека кршеле инвентар во дневната соба

182

СВР Скопје целосно го расчисти кривично правниот настан од вчера (12.07.2024) кога во куќа во Скопје беа пронајдени четири малолетни лица, од кои две во безсознание, кои со возило на Итна медицинска помош веднаш беа пренесени на Клиниката за токсикологија. Од страна на полициски службеници на СВР Скопје веднаш се преземени голем број на оперативно тактички мерки и дејствија, со цел расветлување на настанот и утврдување на точната фактичка состојба.

Притоа, од страна на увидна екипа од ЕУМНА во присуство на јавен обвинител и доктори од ИСМК беше извршен увид, при што се подигнати повеќе материјални траги кои се предадени за вештачење.

Од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта на 11.07.2024, пристигнале на наведената адреса, во куќа во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица, а куќата е сопственост на Д.Ѓ. (40), кој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.

Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти.

Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди.

Д.Ѓ. е лишен од слобода и со него е извршен разговор во кој ги потврди исказите од малолетните лица.

Од страна на полициски службеници од Единица за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти до ОЈО Скопје, против Д.Ѓ. е поднесена кривична пријава во брза постапка, за кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ по чл.217 ст.1, а во врска со кривично дело “производство и пуштање во промет средства за лекување“ предвидено и казниво по член 212 ст.1 од КЗ.

Д.Ѓ. (1984) е изведен пред Судија на претходна постапка.