Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени.
Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако претседателот на Собранието Африм Гаши и претставници на бошњачката заедница при оддавање почит на жртвите од геноцидот во Сребреница во Собранието се молеа. Опозицискиот СДСМ освен осуда дека на молитвата не ѝ е место во Собранието, побара институциите да реагираат и да има одговорност.
-Ги почитуваме сите религии и религиозни обреди. Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава. Во нашата земја нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија апелираат да не се политизира туѓата несреќа и да се собираат ситни политички поени врз несреќата на илјадници други луѓе.
-Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени. Трагедијата од Сребреница треба да биде потсетник за важноста на мирот и почитувањето на човековите права, а не повод за непотребни конфликти и поделби – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За молитвата во Законодавниот дом реагира и опозицискиот СДСМ и ги повика институциите да реагираат.
-Африм Гаши ја наруши секулраноста на државата, тоа е непочитување и на Уставот. На верските обреди не им е местото во македонското Собрание ниту во било која државна институција. Претседателот на Собранието Африм Гаши, инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ја наруши секуларноста на државата, тоа е не почитување на Уставот. Повикуваме надлежните институции да постапат и за овој случај да има одговорност – велат од СДСМ.
Фотографијата на која е прикажано како претседателот на Собранието Гаши и претставници на невладини организации Мерсиха Смаиловиќ, Сеад Џигл, Сафет Бишевац се молат, е објавена на официјалниот фејсбук профил на Собранието.
Пратениците кои не се од исламска вероисповест се нашле во небрано кога нивни колеги и гости при оддавање почит на жртвите од Сребреница почнале да се молат.
Од претседателот на Собранието Гаши иако побаравме нема одговор зошто дозволи молитва во Собранието.
Собранието денеска го одбележа 11 јули – Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Учесниците апелираат до Владата, согласно Резолуцијата на ОН, да го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Претседателот на Собранието Гаши, кој го отвори настанот, истакна дека овој настан потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и на почитувањето на човековите права. Од името на пратениците во Собранието и од негово лично име изрази сочувство за жртвите во Сребреница, посочувајќи дека Северна Македонија, заедно со повеќето земји во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува негирањето на геноцидот и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
-Оваа Резолуција, како што истакнаа и нејзините предлагачи, не е насочена против никого посебно, туку се однесува единствено на извршителите на геноцидот, кои секако се општо познати, а за некои веќе се извршени и меѓународни пресуди за воени злосторства – рече Гаши.
Собранието секоја година го одбележува Денот на сеќавање на геноцидот од 1995 година, откако во 2010 година, со Декларација, е поддржана Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница.