Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа втората седница на која се донесоа повеќе одлуки, меѓу кои одлука за укинување на економските директори на Клиниките и одлука за именување на раководни кадри на пет државни институции.
На позицијата ВД директор на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони е назначен Гоце Димовски. Димовски е доктор на науки, докторирал на тема „Улогата на странските директни инвестиции на перформансите на малите и средни претпријатија во Република Македонија”. Тој има долгогодишно работно искуство во институции и компании како што се ОБСЕ-ОДИХР, Министерство за транспорт и врски, Национален Парк „Маврово”, Совет за јавните набавки на Македонија, Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје, Пелагонија АД Гостивар, Министерство за финансии – Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП и МСИП2) финансиран од Светска Банка, ЦРППР – Проект за стратешко планирање, истражување, развој на студии и креирање на пакет проекти за регионален развој на Полошкиот регион (iCARE) и Совет на Општина Гостивар.
Димовски исто така има искуство во имплементација на инвестициски проекти финансирани од различни меѓународни финансиски институции како што се Светска Банка, Европската инвестициона банка, Банката за развој при Советот на Европа, Европската банка за реконструкција и развој и Германската развојна банка КфВ.
Владата го назначи Александар Пандов за нов ВД директор на Управата за извршување на санкции. Пандов е дипломиран историчар на Институтот по историја на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Бил пратеник во македонското собрание од 1998 до 2002 година. Пандов има работно искуство во приватниот сектор.
За ВД директор на Фондот за здравствено осигурување, владата го назначи Сашо Клековски. Клековски завршил Медицински факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и МБА академска програма на УАЦС. Тој има триесет годишно искуство како менаџер, аналитичар, консултант во јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Основач е и член на органи на повеќе граѓански организации, а соработувал со голем број на граѓански организации, мрежи и платформи од различни подрачја. Прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии од 2013 до 2016 година. Во јавниот сектор работел на подготовка на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Во приватниот сектор работел на стратешки анализи, како на пример Индексот за бирократија во 2020 и 2021 година и како консултант на реструктуирање на бизниси.