Силното невреме кое попладнево ја зафати Скопската котлина, Тетовско и други региони во земајва, предизвика материјална штета, а повеќе пријави и известувања од граѓаните се добиени на Единствениот број за итни повици 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Добиени се пријави и известувања за: паднати и навалени дрвја, скршени гранки, скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, поплавени куќи, поплавени подрумски простории и гаражи, поплавени улици, проблеми во снабдувањето со електрична енергија, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, оштетени патнички моторни возила, паднати огради, блокирани улици и слични случаи предизвикани од невремето, се наведува во соопштението од ЦУК.
Од УХМР известуваат дека нестабилната облачна маса од која во западните и северните делови од Скопската котлина имаше појава на невреме, се преместува во правец кон Куманово каде исто така се очекуваат процеси во форма на невреме.