ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против кумановскиот градоначалник Димитриевски

66

Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое е обвинет кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случај со не добивање дозволи за градење згради во Куманово.

Градоначалникот Димитриевски потенцира дека не се чувствува виновен.

Наредната расправа е закажана за 2. јули, кога ќе биде сослушан уште еден сведок од секторот за урбанизам од општина Куманово.

Градежните фирми сметаат дека се оштетени бидејќи истиот состав на совет и градоначалник изгласале ДУП, во кој сакале да вложат инвеститорите, подоцна Советот на предлог на градоначалникот донел одлука за суспензија на ДУП-от, кој се однесува на парцела во близина на гимназијата и школската амбуланта.

На расправата беа изведени вербални докази, беа сослушани двајцата сопственици и сведок предложен од обвинителството. Две градежни компании од Куманово „УПМ-ГРУП“ ДООЕЛ и „ХРОМАК Емил“ ДООЕЛ, сметаат дека Димитриевски ја злоупотребил функцијата градоначалник и ги оштетил.

Според Бобан Спасовски, сопственик на „УПМ Груп“, градоначалникот намерно ја злоупотребил положбата и не дал навремени одобренија за градба, ниту пресметка за плаќање на комуналии. Тој кажа дека ќе побара и отштета, обвинувајќи дека градоначалникот преку администрацијата ја доцнел постапката.

Емил Георгиевски, сопственик на „Хромак“ рече дека неговата фирма била задолжена за оператива, а неговиот партнер за административни работи. Двајцата, одговарајќи на прашања на одбраната на обвинетиот кажаа дека е пракса да се склучуваат договори со изведувачи кои требало да извршат активности на градежната парцела пред да почне изградбата и дека се нафатиле да платат аванс со неколку изведувачи. Според Георгиевски, така прават и сега во други градови и соседни земји. И Георгиевски ќе побара оштета. Правните лица побаруваат околу 3, 3 милиони денари.

Одбраната имаше прашања, како пред да добијат дозвола почнале постапки со други компании изведувачи, се нафатиле да платат и аванс, иако дозволата воопшто ја немале и дека одлуката за изградба важела за сите објекти не само за спорниот објект, даден во проектот на фирмите. Спасовски кажа дека е бизнисмен и презема ризици и оти ова било пракса востановена во нивната сфера.

На денешната расправа беше сослушана и раководителката на сектор за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска, која рече дека надоместоците законските рокови се куси и дека се потребни потписи од советник, раководител и градоначалник.