ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Условно осудени седум лица за упадот во М-НАВ

Условно осудени седум лица за упадот во М-НАВ

43

Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуди врз основа на предлог-спогодби со седум лица обвинети како соизвршители на кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејство од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На шестмина од обвинетите за стореното кривично дело им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело. За еден обвинет, кој презел потешки дејства за да го попречи службеното лице и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело и истовремено судот на овој обвинет му одреди и други обврски, кои ќе бидат предмет на заштитен надзор.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги склучи предлог-спогодбите по целосно прибирање и анализа на доказниот материјал поврзан со настанот што се случи на 4 јануари во просториите на М-НАВ, на Меѓународниот аеродром „Скопје“. Имено, во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција „Еуроконтрол“. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини повеќе не опстојува кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага.

Од видеоматеријалот прибавен во истрагата и исказите на оштетениот и сведоците произлегува дека единствено се исполнети обележјата на кривичното дело спречување службено лице во вршење службено дејство, и тоа во согласност со ставот 3, за кој е запретена казна затвор од 3 месеци до 5 години. Од тие причини надлежниот јавен обвинител побара и доби согласност од Вишото јавно обвинителство Скопје за промена на правната квалификација под која се водеше досегашната постапка.

Обвинетите, со заедничко дејство на извршување, со сила дека непосредно ќе нападнат врз телото на оштетениот – лице што во рамките на своите овластувања врши работи од јавен интерес како контролор на летање, го спречиле во вршење на службеното дејство. Кога влегле во објектот на М-НАВ спротивно на одредбите од правилникот за редот и дисциплината на вработените во навигациското тело, тие почнале насилнички и навредливо да се однесуваат кон оштетениот вработен.

Настанала расправија и турканица помеѓу обвинетите и оштетениот, при што во еден момент еден од обвинетите му удрил шлаканица во пределот на лицето на оштетениот. По настанот, сите го напуштиле објектот на М-НАВ, оштетениот не се вратил на работното место и на тој начин со нивните дејства обвинетите го спречиле оштетениот во вршење на своите професионални задачи како контролор на летање и на давање услуги на воздухопловна навигација.

Соочени со доказите за ова кривично дело обвинетите изразија подготвеност да склучат предлог-спогодба со Обвинителството и да ја прифатат осудителната пресуда. При одмерување на определените санкции беа ценети сите околности и дејствата на секој од осомничените во предметот поединечно, отсуството на трајна последица, како и судската пракса за осуди за вакви кривични дела.

За осмиот осомничен опфатен со првичната истрага постапката е запрена бидејќи тој не учествувал во дејствата на спречување на службеното лице во вршењето на работите.