Седницата за новата влада ќе започне во сабота во 11 часот, одлучи претседателот на Собранието Африм Гаши.
Мандаторот Христијан Мицкоски вчера во Собранието го достави предлогот за нова влада и програмата за нејзина работа.
Седницата може да трае најмногу два дена според Деловникот на Собранието. Мандаторот ја образложува програмата и предлогот на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.
Гласањето се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот. Владата се бира со обично мнозинство на пратеници.
Новата Влада што ја предложи Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор.