ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Со поддршка од ДУИ, по полноќ изгласана реорганизација на министерствата – по...

Со поддршка од ДУИ, по полноќ изгласана реорганизација на министерствата – по предлог на Христијан Мицкоски

193

Собранието со 88 гласа „за“ и 22 „против“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се создаваат услови за формирање на нова влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, на Вреди и на паријата ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот форнт синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност.

Во расправата за законот зборуваа пратениците од СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата и државната управа не се прави реформа туку таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција. Како што кажаа, со измените се менува 31 член од законот, а исто така не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација, а замонот се носи без анализа и дебата.

Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ кажа дека во овие измени не е предвидена Управата за заштита на културно наследство, што, според неа, значи дека тука застанува грижата за културното наследство на идната влада. Посочи дека во 2021 година е изготвена функционална анализа од која се гледа како треба да изгледа Министерството за култура.

Според Славјанка Петровска мнозинството не можело да има попоразителен почеток. – За десет дена трипати си го погазивте зборот. И затоа молчите цела ноќ, ама довикувате од место, рече Петровска.

Пратеничката го прочита соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот фронт за поддршка на измените, како и повеќе изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кои тој зборува против ДУИ и СДСМ.

-После денешната коалиција се поставува прашањето кој во чиј скут седи, рече Петровска.

Одлуката на ДУИ и Европскиот фронт ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети.

– Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност. Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот форнт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други инстицуии кои се дел од овој закон, рече Беџети. Се согласивме, додаде тој, да создадеме ад хок комисија за правичната застапеност.

Амар Мециновиќ од Левица истакна дека експертите и академската фела не се вклучени во измена на една ваков системски закон.

-Вие се однесувате како да имате божји а не народен мандат. Се е ставено на брза лента за да може да почне шемата за отплаќање на долговите кон елитите кон кои должите, рече Мециновиќ.

На овој број население треба помалку министерства, а нелогично е, според него, што трудот се спојува со економијата. – Ова е огледало на вашиот авторитаризам, рече Мециновиќ.

Димитар Апасиев од Левица смета дека измените се брзоплето напишани.

– Законот е системски закон и се носи со двотретинско мнозинство, постапката не може да не биде сложена. Не знам зошто толку го брзате законот имате дваесет дена за формирање влада, рече Апасиев.

Се воведуваат пет нови министерства, а најмалку четири од овие 20 министерства, вели тој, не требаат.

-Министерство за европски прашања не треба да постои, исто министерство за локална самоуправа, следно министерство за дигитална трансформација и донекаде министерство за спорт. Суштинско министерство кое очекував да го најдеме е министерство за урбанизам, рече Апасиев кој смета дека некои од министерствата би требало да бидат во други градови од земјава. Изненадува дека се тргаат инспекторатите.

Апасиев рече дека пратениците на Левица ќе гласаат против носењето на измените бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не го прифатиле предлогот за една изборна единица.

Носењето на измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа се вовед во формирањето нова влада меѓу коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Мандатарот Христијан Мицкоски, кој исто така е и предлагач на измените, најави дека нова влада би можело да биде формирана пред истекувањето на дваесетдневниот рок што започна да тече во четвртокот на 6 јуни.