Првиот чекор за законските измени за реорганизација на владините ресори направен. Формирани се Комисијата за политички систем како матична комисија каде измените се очекува наскоро да влезат во процедура и Законодавно правната комисија.
Со политички систем ќе раководи пратеникот Љупчо Пренџов, а негов заменик е Јован Јаулески. На чело на законодавно-правната комисија пак, застанува Александар Велјановски, а негов заменик е Бобан Николовски од истата коалиција.
Со ова се отвора патот за формирање две нови министерства и реорганизација на дел од постоечките.
Инаку Комисијата за избори и именувања ги прифати барањата за апанажа на 29 пратеници од минатиот состав. Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски информираше дека се поднесени и други барања што се разгледуваат.
Апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието, а вкупно 57 народни избраници од минатиот состав имаат право на апанажа бидејќи не се дел од новиот. Рокот за поднесување вакво барање е 30 дена, од денот на верифицирање на мандатите.
Сајкоски потпиша и барање за престанок на апанажата на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој стана пратеник, и за поранешната претседателка на Комисијата за спречување дискриминација, Весна Бендевска, која исто така влезе во Собранието. Комисијата го прифати и барањето на поранешниот претседател Стево Пендаровски за мирување на правото на пензија.