Ниту еден производ за кој е докажано дека е небезбеден, не завршил на рафтовите во домашните маркети или на пазарите. Или е вратен во земјата од каде што потекнува или завршил на депонија. Од АХВ сепак ги повикаа и граѓаните да се стават во улогата на инспектори, да ги проверуваат декларациите, да внимаваат на роковите, всушност да „се подготват за неочекуваното“, што се совпаѓа со годинешното мото на 7 јуни – Светскиот ден на безбедноста на храната
Сто и осумдесет инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство „бдеат“ врз здравјето на македонските граѓани и се грижат храната што доаѓа на нашите трпези да биде квалитетна и безбедна, гарантира Николче Бабовски, директор на АХВ. Ниту еден производ за кој е докажано дека е небезбеден, не завршил на рафтовите во домашните маркети или на пазарите, или е вратен во земјата од каде што потекнува или е завршил на депонија. Според него, за да биде целосна покриеноста и да се постигне да се провери и испита секој навод, кој се граничи со сомнеж, им требаат барем уште триесеттина инспектори и тоа и се предочува на секоја извршна власт, бидејќи не се работи за непродуктивни кадри.
Сепак, тој ги повика и граѓаните и самите да се стават во улогата на инспектори, да ги проверуваат декларациите, да внимаваат на роковите, всушност да „се подготват за неочекуваното“, што се совпаѓа со годинешното мото на 7 јуни – Светскиот ден на безбедноста на храната. Минатиот месец, АХВ отповика сладолед од еден домашен маркет, бидејќи неговиот вистински рок на употреба беше прикриен со прилепен нов рок на употреба. Низ светот, 600 милиони луѓе годишно се заразуваат од небезбедна храна, а 420 илјади умираат, што се поразителни бројки, велат од АХВ.
Од почетокот на годината досега, инспекторите на АХВ направиле 22 илјади надзори кај домашните оператори на храна, а според Бабовски од час во час, се следат информациите на РАСФФ – европската контролна точка за да може да се пресретне увозот на опасна и небезбедна храна.
– Македонските граѓани треба да бидат безбедни и уверени дека храната што ја јадат е квалитетна и безбедна. Доколку има сомнеж за зголемено присуство на бактерии или пестициди, храната се уништува, а дистрибутерот нема право на второ мислење. Нашите закони се комплетно усогласени со европските, па дури и повеќе бидејќи извозот на македонските производи подлежи на строги контроли – порача Бабовски.
Тој ги пофали и домашните економски оператори дека ги применуваат сите светски стандарди за храна, па затоа многу малку македонска храна е посочена како небезбедна и е вратена во земјава.
– Во јануари и февруари годинава Хрватите вратија две пратки од Македонија – свежи моркови, пиперки и мешана салата со предупредување за високи нивоа на забранетиот пестицид хлорпирифос етил. Нивното загадување потекнува од нивите, а не од термичката обработка. Тоа значи дека и земјоделците треба да ги почитуваат забраните и да внимаваат на прекумерната употреба на пестициди што се забранети или дозволени во микроминимални количества во ЕУ – посочи Бабовски.
Податоците на „Слободен печат“ покажуваат дека слична забрана пред три години добија од 20.730 килограми свежо македонско грозје, кои ги врати фитосанитарната инспекција на Република Српска, поради зголемено присуство на пестициди. Освен овие изолирани случаи, годинава главно операторите со храна ги почитуваат стандардите кога извезуваат, додаде Бабовски.
Млекото, јогуртот и сирењето купувајте ги последни!
Високите температури и најавите дека идната недела тие ќе бидат уште повисоки, алармираат дека граѓаните треба да бидат внимателни при набавката на лесно расиплива храна, предупреди Бабовски.
– Млекото и млечните производи, саламите и свежото месо, треба да ви бидат последни на списокот, односно земајте ги пред да излезете од маркетот и не ги шетајте по жештините. Лесно расипливата стока е плодна почва за развој на бактерии и затоа веднаш откако ќе влезете дома, ставајте ги во ладилниците – советува директорот на АХВ.